понеделник, 21. мај 2018. Вести денес: 121
home Вести

Сеул го повика Пјонгјанг на преговори на високо ниво

Сеул го повика Пјонгјанг на преговори на високо ниво

Јужна Кореја им предложи на властите во Пјонгјанг од 9 јануари да започнат преговори на високо ниво.

Поканата доаѓа откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека е подготвен за дијалог, како и за можноста да им дозволи на своите спортисти да учествуваат на Зимските олимписки игри во јужнокорејскиот град Пјеончанг.

Јужна Кореја предлага средбата да се одржи во селото Панмунџом, на добро чуваната граница меѓу двете земји, каде и порано се одржувале вакви средби.

Претходно, јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин ги повика своите власти да ги направат сите неопходни подготовки за Северна Кореја да може да учествува на Олимписките игри.

Мун додаде дека подобрувањето на односите меѓу двете земји ќе биде поврзано со запирање на севернокорејската нуклеарна програма.

Во своето новогодишно обраќање, пак, севернокорејскиот лидер Ким се закани дека на својата маса има нуклеарно копче кое може да го употреби во секој миг, и најави дополнително засилување на нуклеарениот арсенал на земјата.