Вести

Саудиска Арабија ги отвори границите за катарските верници за аџилакот во Мека

Саудискиот крал Салман нареди да се отвори границата со Катар за граѓаните на малата заливска монархија да можат да отидат на аџилак во Мека на крајот од месецот, соопшти Саудиската агенција за печат (СПА), цитирана од француските медиуми.

Суверенот, исто така, нареди во Доха да се испратат саудитски авиони, што „на негова сметка ќе ги превезат сите катарски верници до градот Џеда“, дополни СПА.

Оваа одлука, прв знак на омекнување на дипломатската тензија меѓу кралството и емиратот, беше објавена откако саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман се сретна со катарскиот емисар шеикот Абдал бин Али ал Тани во Џеда.

Ова беше прва средба на вака високо ниво од прекинот на дипломатските односи, на 5 јуни, меѓу Саудиска Арабија и Катар и затворањето на границите по воздух, вода и копно.

Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет, исто така, ги прекинаа сите врски со Катар, обвинувајќи го за поддршка на екстремистички групи и за водење политика на зближување со големиот регионален противник на Саудиска Арабија, шиитски Иран.

Катарските власти во јули го обвинија официјален Ријад дека му се заканува на аџилакот во Мека, откако одби да ја гарантира безбедноста на нивните државјани. Саудиските власти тогаш изјавија дека на Катарците нема да им одобрат пристигнување со директни летови на авиокомпанијата „Катар ервејз“, чии авиони немаат право да летаат над саудискиот воздушен простор.

На средбата во Џеда Абдал бин Али ал Тани „ги подвлече братските односи меѓу кралството Саудиска Арабија и Катар“, пренесе СПА.

Принцот Мохамед во ист дух зборувал за „длабочината на историските врски“ меѓу двата народа и меѓу нивните лидери.

На предлог на принцот Мохамед, кралот Салман се согласил за катарските верници да се отвори граничниот премин „Салва“.

Аналитичарите, како Али Шихаби, од „Арејбија фаундејшн“, од Вашингтон, предупредуваат дека по вчерашните вести, сепак, не треба да се има прекумерен оптимизам. Тој смета дека тоа едноставно е „гест на добра волја“ од страна на Саудиска Арабија кон катарскиот народ.