Вести

Рохани: На Исламската држава и дојде крајот

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска изјави дека на терористичката организација Исламска држава и дошол крајот.

Командантот на иранската Револуционерна гарда генералот Квасем Сулејмани, исто така објави крај на ИД, во порака што му ја испратил на претседателот, и која е објавена на официјалниот сајт на гардата.

Воените медиуми со кои управува либанското шиитско движење Хезболах во неделата објавија дека сириската армија заедно со сојузниците, повторно ја презела контролата над Абу Камал, последно упориште на Исламската држава во Сирија.

Минатата недела иранските медиуми објавија фотографии од Сулејмани во Абу Камал во источна Сирија, за кој и тој рече дека е последна територија која била преземена од Исламската држава.

Револуционерната гарда, која е најмоќната воена сила во Иран, се бореше на страната на сирискиот претседател Башар ал Асад и централната власт, во конфликтите во земјата. Во Сирија и Ирак досега загинале повеќе од илјада припадници на гардата, вклучувајќи и старешини.