Вести

Од студениот бран во Европа починаа 69 лица

Најмалку 60 лица починаа како последица од студениот бран кој од почетокот на минатата недела ја зафати Европа, а најзагрозени се мигрантите, бездомниците и старите лица, јави агенцијата АП.

stud-640x393

Смрзнати реки, евакуација на населението, откажани летови и сообраќајни несреќи се само некои од псоледиците од екстремно ниските температури и лошите временски услови.

Уште две лица вчера починаа од студот во Полска, земја каде што температурите се спуштија на најниско ниво во последните неколку децении.

Грчката морнарица испрати брод на островот Лезбос да евакуира околу 500 бегалци и мигранти. Медицинските служби наведуваат дека условите во главниот бегалски камп на островот се нехумани и дека мигрантите се смрзнуваат во шаторите на многу ниски температури.

Поради снежни наноси на северот и истокот од Бугарија блокирани се патишта, а 117 градови и села останаа без електрична енергија. Затворен е главниот автопат кој ги поврзува Софија и Бургас. Војниците користат тешка механизација за да ги расчистат главните патишта, носат храна, вода и го евакуираат загрозеното население.

На Косово две лица починаа од поларните температури. Полицијата вчера пронајде тело на бездомник кој најверојатно починал од хипотермија. Температурите се спуштаат до минус 25 степени и прекинот со снабдување со електрична енергија е се почест. Метеоролозите предупредуваат дека ова се најладните темпераури од 1963 година.

Снегот продолжува да паѓа и на југот од Албанија, каде девет лица починаа како последица од ледениот бран. Воените хеликоптери и спасувачките служби доставуваат помош во оддалечените планински подрачја, а војската и цивили помагаат да се исчистат патиштата.

Екстремните температури затворија повеќе од 130 патишта и предизвикаа прекин во железничкиот сообраќај во Романија. Улиците во Букурешт се покриени со снег, но може да се забележат и луѓе со скии.

Од невремето во Србија починаа шест лица и евакуирани се 130 жители. Училиштата се затворени во најзагрозените подрачја во Србија, Романија и на грчкиот остров Лезбос.