Вести

Неонацистички мрежи активни и на Воената академија во Минхен

Универзитетот на германската армија во Минхен е легло на екстремната десница, објави денеска весникот „Зуд Дојче Цајтунг“, тврдејќи дека истрагата на министерката за одбрана Урсула Фон Дер Лејен открила мрежа на членови на неонацистички организации во академијата.

 

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, на Воената академија во Михнен истражителите на германското Министерство за одбрана откриле членови на групата „Движење за идентитет“, кои се сегашни или поранешни кадети на оваа високообразовна институција.

„Движењето за идентитет“ е под мониторинг на германската разузнавачка агенција за заштита на уставникот поредок (БФВ) за можни поткопување на федералниот устав.

Според весникот, ова движење кое има околу 300 членови и пропагира враќање на традиционалните национални вредности и шири ксенофобија и исламофобија.

По откривањето на двајца војници на германската армија, кои планирале напад на бегалци и левичарски поитичари поради нивните ставови за прием на бегалците, германското Министерство за одбрана започна истрага за екстремно десничарски структури во редовите на војската.

Во моментов под истрага и можни обвиненија се 284 војници и офицери на Бундесверот, од кои дел студираат или студирале на Воената академија во Минхен.