Вести

Казната за Младиќ ударна вест во светски медиуми

Ударна вест на светските и регионалните медиуми е доживотната затворска казна за командантот на силите на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ.

Светските медиуми не покажаа интерес за изрекувањето на пресудата за Младиќ, но затоа главна вест беше пресудата – доживотен затвор за лидерот на босанските Срби.

„Младиќ е виновен за геноцидот во Босна“ е насловот на главната вест на сајтот на Би-Би-Си, а ударната вест на Си-Ен-Ен е „Ратко Младиќ виновен за геноцид, осуден за доживотна робија“.

И францускиот весник „Монд“ како и „Раша тудеј“ како вест на денот објавија за пресудата на Младиќ.

И светските новински агенции под ознаката итно објавија за пресудата за Младиќ.

Медиумите во регионот за разлика од светските медиуми со поголемо внимание го следеа судењето и изрекувањето на пресуда за Младиќ.

На сајтот на „Дневни аваз“ покрај главната вест дека Младиќ е осуден на доживотен затвор објавени се и наслови: „Насер Ориќ ексклузивно за Аваз: Судот го кажа своето, Младиќ мора да одговара и пред својот народ“, „Грабовица: Младиќ во судница покажа каква кукавица е“, „Мехмедовиќ: Младиќ ѕвер во човекова кожа, конечно дојде време да се престане со негирање на геноцидот“.

Порталот Кликс.ба објави десетина вести за Младиќ на својата насловна страница  а меѓу најважните се: „Транспарент за Ратко Младиќ во Сараево: И без суд ние знаеме дека си виновен“, „Мунира Субашиќ: Жртвите никогаш неможат да бидат задоволени, ќе ја тужиме Србија и Република Српска“.

Радио Телевизија РС како ударна вест ја објави пресудата за Младиќ а лидерот Милорад Додик најави прес-конференција за попладне.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал денеска го осуди Младиќ на казна доживотен затвор. Станува збор за првостепена пресуда, на која жалба ќе може да поднесат и Хашкото обвинителство и одбраната на Младиќ.

Тој е осуден за геноцид во Сребреница, прогон на муслимани и Хрвати ширум Босна и Херцеговина, тероризирање на жителите на Сараево и киднапирање на припадници на Мисијата на Обединети нации – Сини шлемови и низа други злосторства. Тој не е виновен за геноцид во седум општини во БиХ.

Со пресудата за Младиќ, Хашкиот трибунал завршува со работата.