Вести

Ирачки Курдистан одржува референдум, Багдад распоредува војници

Ирачкиот парламент побара да бидат испратени војници во автономниот курдски регион, каде денеска се одржува референдум за независност.

Премиерот Хајдер ал Абади им нареди на безбедносните служби „да ги заштитат граѓаните кои се под принуда“ во Ирачки Курдистан.

Тој повтори дека денешното гласање за независност на ирачките Курди од Багдад е противуставно и побара од курдските власти да го откажат.

Претходно, премиерот на Ирачки Курдистан, Нечирван Барзани изјави дека властите не планираат да прогласат независност од централната Влада веднаш по завршувањето на референдумот во курдските автономни области на Ирак.

Тој додаде дека Курдите десетици години се фактор на стабилност и на тој начин ќе продолжат.

– Ербил инсистира на дијалог со Багдад, истакна Барзани за курдската телевизија „Рудау“.

Според претседателот на Ирачки Курдистан, Масуд Барзани „ирачките Курди се подготвени да платат било која цена за слободата“, нагласувајќи дека „референдумот има за цел да обезбеди легитимен мандат на автономната територија Ирачки Курдистан и независност од Багдад преку дијалог со соседните држави“.

Иран ја затвори границата кон Ирачки Курдистан како одговор на денешниот референдум за независност, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.

– На барање на ирачката Влада ја затворивме нашата копнена и воздушна граница кон Ирачки Курдистан, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Бахрам Гасеми, додавајќи дека референдум е „незаконски и нелегитимен“.

Инаку иранската елитна војска „Чувари на револуцијата“ од вчера одржува воени вежби во северозападниот дел на курдскиот регион, кој граничи со Ирак, во знак на поддршка за загриженоста на Техеран поради гласањето на ирачките Курди.

Во меѓувреме, и сириската Влада соопшти дека не го признава референдумот во Ирачки Курдистан.

– Ние во Сирија го признаваме само единствен Ирак и ги отфрламе сите процедури кои водат кон поделба на Ирак, изјави шефот на сириската дипломатија Валид ал Муалем.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека поради референдумот за независност во Ирачки Курдистан, Анкара ќе преземе политички, економски, трговски и безбедносни мерки.

– Референдумот во Ирачки Курдистан е неприфатлив сепаратистички чекор во овој момент, посочи Ердоган.

Тој се закани дека ќе го стопира извозот на нафта од Ирачки Курдистан преку територијата на Турција.

Ердоган, исто така, наведе и дека турската армија во моментот одржува воена вежба на границата со Ирак и е подготвена да преземе „неопходни мерки“.

– Турската армија не е без причина на границата. Ние можеме да стигнеме преку ноќ, потенцира Ердоган.

Тој додаде и дека ќе биде затворен граничниот премин Хабур за влез и за излез.

Во меѓувреме, турскиот премиер Бинали Јилдирим истакна дека Турција размислува да го затвори воздушниот простор, како и границата со Ирачки Курдистан. Тој додаде дека Анкара добила официјално барање од Багдад за затворање на воздушниот простор (за северен Ирак) и на границата.

Јилдирим најави дека Анкара ќе почне сериозен дијалог со Багдад со цел да се почитува централната Влада како легитимна власт, да ги контролира граничните премини, аеродромите и трговијата со нафта во курдскиот регион.

– Турција ќе преземе акција ако туркменското население биде нападнато или Турците имаат проблеми на граничниот премин, истакна Јулдирим.

Против референдумот се изјасни и Советот за безбедност на Обединети нации и САД потенцирајќи го неговото евентуално дестабилизирачко влијание.

Русија ја потврди константната поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак.

Над пет милиони луѓе денеска ќе одговорат на референдумското прашање „Сакате ли реонот Курдистан и курдските зони околу него да станат независна држава?“

На 12.072 избирачки места гласаат 5.375.000 милиони граѓани со право на глас од вкупното население  во Ирачки Курдистан од 5,6 милиони луѓе.

Референдумот го следат повеќе од 400 меѓународни набљудувачи и над 600 новинари, од кои една третина се од странски медиуми.

Освен во трите курдскии провинции Ербил, Сулејманија и Дахук се гласа и во спорните територии меѓу Ербил и Багдад, посебно и во Киркук, провинција богата со нафта, која е под контрола на пешмергите.

Избирачките места ќе бидат затворени во 18 часот по локално време (17 часот по средноевропско време), а официјалните резултати ќе бидат познати во рок од 72 часа.

Курдите од дијаспората исто така имаат право на глас и тие од пред два дена ги испраќаат електронските избирачки ливчиња.