Вести

Хашкиот суд ќе ја објави пресудата за Ратко Младиќ на 22 ноември

Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија денеска соопшти дека пресудата за поранешниот воен командат на боснаските Срби, Ратко Младиќ, ќе ја објави на 22 ноември.

Обвинителството на Трибуналот го товари Младиќ за злосторства извршени во текот на војната во Босна и Хервеговина од 1992 до 1995 година.

Попрецизно, во обвинителниот акт, тој се товари за геноцид, прогон, истребување, убиства, депортации, присилно преселување, терор, незаконски напади врз цивили, земање заложници, злосторства против човештвото и прекршување на законите и обичаите на војување.

Пресудата треба да ја изрече Судски совет предводен од судијата Алфонсо Оријео.

Станува збор за првостепена пресуда на која ќе може да се жалат и Хашкото обвинителство и одбраната на Младиќ.

Во завршното обраќање пред Судот кон крајот на минатата година, Хашкото обвинителство побара доживотна казна затвор за Младиќ, со образложение дека секоја друга пресуда би претставувала „навреда за жртвите – живи и мртви и навреда за правдата“. Од друга страна, одбраната на Младиќ побара негово ослободување од обвиненијата,

Младиќ беше уапсен во мај 2011 година во околината на српскиот град Лазаревац по 12-годишно криење, по што Белград му го предаде на Трибуналот во Хаг. Судскиот процес протиив Младиќ започна во мај 2012, а заврши лани во декември.