Вести

Грузиски полицаец и тројца осомничени терористи убиени во полициска операција

Припадник на грузиските специјални сили и тројца членови на вооружена група осомничена за тероризам, загинаа во денешната полициска акција, изведена во периферијата на Тбилиси, изјави заменикот-шеф на администрацијата за државна безбедност Нино Ѓорѓобијани.

Во 20-часовната операција, која почнала доцна синоќа, повредени се и четворица полицајци, а еден од осомничените е уапсен. Акцијата е спроведена во предградие на Тбилиси, во станбен коплекс, каде се криела криминалната група. Населението од квартот било евакуирано, а во текот на денот се слушале рафална стрелба и експлозии.

– Членовите на групата не се Грузијци и се осомничени за припадност во терористичка група, изјави попладнево на прес-конференција Ѓорѓобијани.

– Тие беа под полициски надзор во текот на неколку седмици, дополни таа.

– Во тек е истрага во рамки на меѓународната соработка против тероризмот за да се потврдат нивните идентитети и да се утврдат нивните криминални врски, истакна претставничката на државната безбедност на Грузија.

Таа не ја соопшти нивната националност, и најави дека во следните денови ќе бидат обезбедени повеќе информации.

– Важно е да се напомене дека грузискиот оддел за борба против тероризмот неколку часа преговараше со нив за предавање, но тие го отфрлија тоа, рече Ѓорѓобијани. Потоа, членовите на криминалната група отвориле оган од автоматска пушка и почнале да фрлаат рачни гранати.