Вести

Еден убиен и осуммина ранети во нападот во Финска

Едно лице е убиено, а осум други се ранети денеска кога маж вооружен со нож нападна минувачи на улица во центарот на градот Турку, во западниот дел на Финска.

Финската полиција на својот налог на Твитер објави дека полицајци го раниле напаѓачот во нозете со истрели од огнено оружје и го уапсиле.

Според полицијата, засега не се познати мотивите за нападот, како и дали станува збор за тероризам.

Во полициското соопштение се наведува дека „во тек е потрага по уште неколкумина осомничени напаѓачи“ и им се препорачува на граѓаните „да го избегнуваат центарот на градот“.

Финската национална телевизијата „Иле“ јави дека во Турку во тек е полициска операција, дека центарот на градот е блокиран, како и дека се слушаат истрели.

Поради инцидентот во Турку, засилени се безбедносните мерки на аеродромот и железничките и автобуските станици во Хелсинки.

Во 2012 година тогашниот фински премиер Јирки Катајне избегна напад со нож во Турку за време на кампањата за локалните избори, Напаѓачот беше човек со психички проблеми, против кого не беше покренато обвинение.