Вести

Дилан: Со преземањето на Рака, ИД остана без уште еден извор за планирање и поддршка на терористичките напади

Американската армија денеска соопшти дека 90 проценти од територијата на сирискиот град Рака е ослободена од припадниците на Исламска држава.

Претходно, Сириските демократски сили (СДФ) објавија дека Рака е целосно ослободен. Градот пред три години беше заземен од ИД и џихадистите Рака ја прогласија за главен град на халифатот.

Портпаролот на меѓународната коалиција предводена од САД, полковник Рајан Дилан изјави дека силите на СДФ воспоставиле контрола врз последните позиции на ИД, но се уште не ги обезбедиле.

Тој додаде дека коалицијата во последните три дена не извршила воздушни напади врз Рака, со цел да се евакуираат цивилите, а џихадистите да го положат оружјето.

– Со преземањето на Рака, ИД остана без уште еден извор за планирање и поддршка на терористичките напади во Сирија, во Ирак и на други места во светот, посочи Дилан.

СДФ – сојуз на курдски и арапски милиции соопшти дека Рака е целосно ослободен и оти треба уште да се изврши деминирање и да се откријат преостанатите мали групи на ИД.