Вести

Бројот на повредените во нападите во Шпанија достигна 126 лица

Бројот на повредените во терористичките напади извршени вчера во Барселона и Камбрилс достигна 126 лица, а 17 од нив се наоѓаат во критична состојба, соопшти каталонската агенција за цивилна заштита на Твитер.

 

Засега е потврдено дека 14 луѓе загинаа откако вчера попладне комбе влета во пешаци на најпопуларната туристичка улица во центарот на Барселона, Лас Рамблас.

Во терористичкиот напад во Барселона беа повредени 120 лица, а 61 се уште се хоспитализирани. Седумнаесет од нив се наоѓаат во критична состојба, а 25 се здобиле со потешки повреди. Кај останатите се констатирани „лесни“ или „помалку сериозни“ повреди.

Во нападот во Камбрилс, кој бил извршен осум часа подоцна, повредени се шест лица, а четворица се задржани на болничко лекување. Тројца од хоспитализираните се наоѓаат во критична здравствена состојба.