понеделник, 28. мај 2018. Вести денес: 0
home Вести

Африн – новата жешка точка во сириската криза

Реонот на градот Африн станува ново жариште на кризата во Сирија, откако едни спроти други се најдоа припадници на сириската Армија и нивните сојзници, од една, и турските сили, од друга страна.
Африн – новата жешка точка во сириската криза

Кризата ескалираше откако на 20 јануари, турската Армија започна офанзива против Силите за заштита на народот на сириските Курди, под чија контрола последниве неколку е реонот на Африн. Официјално, цел на турската операција, наречена „Маслиново гранче“, е потиснување на курдските борци од териториите долж границата на Сирија кон Турција.

Но, вчера конфликтот доби нов тек, откако припадници на сириските провладини сили навлегоа во реонот на Африн. Сириската државна телевизија емитуваше снимка на конвој воени возила опремени со тешко оружје како влегуваат во Африн од блиското село Нубул, минувајќи покрај барикади со ознаки на курдските сили. На возилата се наоѓаа вооружени лица облечени во маскирни униформи кои носеа сириски знамиња и извикуваа пароли за поддршка на Владата во Дамаск.

Сепак, навлегувањето на силите лојални на сирискиот претседател Башар ел Асад во Африн беше краткотрајно, бидејќи по само неколку часа тие беа принудени да се повлечат, откако турската армија отвори преупредувачки артилериски оган врз градот.

Турската агенција Анадолија јави дека сириските провладини сили биле на одделеченост од 10 километри од Африн, кога биле принудени да се повлечат по турскиот напад, додека сириските државни медиуми тврдат дека цел на артилерскиот оган биле станбени објекти во градот во близина на местото на кое пристигнале „силите на Народниот отпор“, кои дошле „да им помогнат на луѓето од Африн во спротивставувањето со агресијата“. Според изјави на очевидци, најмалку пет артилериски гранати паднале во една улица низ која минувале сириските воени сили

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа изјави дека „членови на терористички групи“ се обиделе да влезат во Африн, но по одговорот на Турција, тие се повлекле. – Терористите ќе платат висока цена за своите грешки, порача Ердоган.

Според турски извори, воружените лица кои се упатиле кон Африн, не се сириски регуларни војници, туку припадници на либанската шиитска група Хезболах и проирански борци, кои, како што се оценува, претставуваат „директна закана за Турција и турските воници“.

Тензиите околу Африн почнаа да растат во понеделникот кога советникот во администрацијата на зоните под контрола на Курдите во северна Сирија, Бадран Џија Курд изјави дека властите во Дамаск и силите на сириски Курди постигнале договор Армијата на Сирија да влезе во реонот за да помогне во спротивставување на турската офанзива „Маслиново гранче“.

Турција уште истиот ден побара од сириската Влада да не испраќа свои сили во Африн додека трае турската воена операција против Силите за заштита на народот, нагласувајќи дека „секое воено мешање на Сирија со цел да ги заштити курдските сили ќе има последици“. – Ако сирискиот режим тргне по тој пат, тогаш ќе има последици, истакна Ердоган во понеделникот и најави дека турската офанзива ќе продолжи согласно планираното.

Меѓутоа, Силите за заштита на народот вчера демантираа дека постигнале каков било договор со Дамаск. – Нема договор. Имаше само повик од нас до сириската армија да дојде и да ги брани границите, изјави портпаролот на Силите за заштита на народот, Нури Мухамед.

Неколку часа при вчерашното навлегување на сириските провладни борци во Африн, Ердоган најави дека очекува за неколку дена турските војници да започнат опсада на градот,

Најновиот развој на настаните во Африн создава можност за еветуален судир меѓу Турција и сириските сили, кои имаат поддршка од Иран и Русија.

Сириската армија не е присутна во Африн од 2012 година, кога се повлече од поголемиот дел од северна Сирија. Нејзиното враќање во енклавата може да ја усложни ситуацијата и да доведе до несакани судири.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот на сириските Курди за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК, која се бори за автономија на Курдите на турска територија, се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Силите за заштита на народот, од друга страна, беа едни од главните сојузници на САД во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), па турската офанзива предизвика тензии во однсите меѓу Анкара и Вашингтон.

Анкара ја почна операцијата во Африн откако доби дозвола од Русија, која го поддржува режимот на сирискиот претседател Асад. Поради тоа евентуален судир меѓу сириската армија и турските сили би можел да довде и до конфликт меѓу Русија и Турција.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера оцени дека ситуацијата во Африн може да биде решена преку директен дијалог меѓу Дамаск и Анкара.

Во вакви услови седумгодишниот конфликт во Сирија се движи кон нешто што би можело да се оцени како војна на секој против секого, со што кризата во оваа блискоисточна земја добива интернационален карактер.

Во сето тоа клучна улога имаат интересите на светските и регионалните сили, кои сакаат да ги зајакнат своите позиции во регионот.

Турција не е подготвена да се согласи на зајакнување на позициите на сириските Курди, а од друга страна Вашингтон по се изгледа е цврсто решен да остане во Сирија за да спречи воскреснување на терористичките групи и да го оневозможи планот на Иран за ширење на своето влијание во источниот Медитеран.

Русија, од своја страна, сака да опстане нејзината сојузничка Влада во Дамаск и да го задржи своето воено присуство во источниот дел на Средоземното Море, со што би си ја обезбедила позицијата на светски лидер.

Во целиот тој комплексен контекст свое место бара и Иран, но и Израел. Иранците се обидуваат да создадат долгорочна стратешка воена инфраструктура и присуство во Сирија, додека Израел сака да спречи дополнително зајакнување на иранските позиции на своите граници.

Сепак, аналитичарите оценуваат дека спорот околу Африн може да се реши со договор кој би предвидел сириската армија сепак да влезе во реонот, а припадниците на Силите за заштита на народот да се повлечат подалеку од границата на Турција, што, според најавите од Анкара, беше една од целите на турската операција „Маслиново гранче“.