сабота, 23. јуни 2018. Вести денес: 78
home Регион

Над 35 земјотреси во реонот на Кукуш за 24 часа, почувствувани и во Македонија

Над 35 земјотреси во реонот на Кукуш за 24 часа, почувствувани и во Македонија

По вчерашните земјотреси со интензитет од 4 и 4.7 степени според Рихтеровата скала, чии епицентри беа во реонот на грчкиот град Кукуш и беа почувствувани и во Македонија, потресите не запреа.

Според професорот по геологија и претседател на грчката организација за планирање и заштита од земјотреси, Ефтимиос Лекас, во изминатите 24 часа во поширокиот регион на Кукуш во северна Грција биле регистрирани над 35 земјотреси со мала јачина.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, говорејќи за радиото „Практорио фм“, Лекас нагласи дека земјотресите веројатно ќе продолжат и во следните 24 часа, по што земјата целосно ќе се смири во период од еден до четири дена.

– Поминаа над 24 часа. Во тек е сеизмичка низа од околу 35 земјотреси со мала јачина, но жителите ги чувствуваат. Земјотресите се во истиот регион, источно од Дојран, изјави Лекас за грчкото радио, додавајќи дека е позитивно тоа што сите земјотресите се со интензитет од под 5 степени, со што нема никакви последици по луѓето или објектите.