петок, 20. април 2018. Вести денес: 160
home Регион

Могерини повикува на воздржаност по атентатот на Оливер Ивановиќ

Могерини повикува на воздржаност по атентатот на Оливер Ивановиќ

Високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, разговарала во вторникот телефонски со претседателите на Србија, Александар Вучиќ, и на Косово, Хашим Тачи, по убиството на српскиот политичар во поранешната јужна српска покраина Оливер Ивановиќ, и ги повикала сите страни да останат мирни и воздржани.

„Високата претставничка ги повика сите страни да останат мирни и воздржани, и да им овозможат на правосудните тела да ја завршат својата работа“, се наведува во соопштението од кабинетот на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини.

Таа силно го осудила убиството на Ивановиќ и изразила сочувство до неговото семејство и блиските.

Европската унија силно го осудува убиството на Ивановиќ поради што е суспендиран техничкиот дијалог меѓу Србија и Косово, кој требаше да се одржи во вторникот претпладнето во Брисел, изјави во меѓувреме Маја Коцијанчич, портпатолката на Могерини.

-Европската унија силно го осудува убиството на Оливер Ивановиќ. Очекуваме од косовските правосудни тела да сторат се’ за да ги пронајдат сторителите и да ги приведат пред правдата, изјави Коцинајчиќ.

Во вторникот во Брисел требаше да продолжи дијалогот меѓу Србија и Косово на техничко ниво по 13-месечниот застој. Веднаш по информацијата за атентатот врз Ивановиќ, српската делегација го напушти Брисел.

-Поради тажниот настан, убиството на Оливер Ивановиќ, дијалогот на техничко ниво е суспендиран“, потврди Коцијанчиќ во писмената изјава за медиумите.

Претседателот на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), 64-годишниот Оливер Ивановиќ, кој важаше кај меѓународната заедница како умерени политичар, беше застрелан денес околу 8,15 часот пред партиските простории во Косовска Митровица и итно беше пренесен во Клиничко-болничкиот центар во северниот дел на поделениот град, каде што им подлегна на повредените.

Ивановиќ пред три години беше уапсен и повеќе од две години мина во притвор поради обвинувања за наводни воени злосторства сторени врз косовски Албанци во текот на конфликотот од 1998/1999.

Беше пуштен да се брани од слобода во април минатата година, а во јули му беше запален автомобилот во северниот дел од Косовска Митровица.