четврток, 22. февруари 2018. Вести денес: 0
home Регион

ФОТО: Експлозија пред ателјето на сопругата на Мицотакис

Според грчките медиуми, проценките на полицијата се дека станува збор за симболичен напад, а во тек е истрага за откривање на сторителите, преку проверка на безбедносните камери што се наоѓаат на надворешниот дел од зграда, но и на околните објекти.
ФОТО: Експлозија пред ателјето на сопругата на Мицотакис

Мала рачно изработена бомба експлодира рано изутринава пред влезот на зградата во која се наоѓа модното ателје на сопругата на лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, Марева Грабофски Мицотакис, во центарот на Атина.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, експлозијата предизвикала мала материјална штета на мермерот и влезната врата на објектот.

Малиот рачно изработен експлозивен механизам со плински боци бил поставен пред влезот на зградата околу 3 часот по полноќ по локлано време (2 часот по средноевропско време).

Според грчките медиуми, проценките на полицијата се дека станува збор за симболичен напад, а во тек е истрага за откривање на сторителите, преку проверка на безбедносните камери што се наоѓаат на надворешниот дел од зграда, но и на околните објекти.

Во врска со експлозијата реагираше претседателот на Нова демократија, но и кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Кирјакос Мицотакис на Твитер коментираше дека зад нападот стои „пропагандата на Владата“ и дека индиректно тој бил негова цел.

Од кабинетот на Ципра, кусо соопштија дека „недвосмислено и одлучно го осудуваат нападот“. (MИА)