четврток, 15. ноември 2018. Вести денес: 109
home Регион

Дачиќ – Тилерсон: Србија сака да ги „ресетира“ односите со САД

Дачиќ – Тилерсон: Србија сака да ги „ресетира“ односите со САД

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ оствари средба во Вашингтон со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, што е негов прв состанок со највисокиот официјален претставник на Стејт департментот.

Дачиќ го изнел ставот дека треба да се „ресетираат“ билатералните односи меѓу САД и Србија.

– Сакаме да ги ресетираме нашите односи, да бараме заеднички интереси, да бараме начини како САД можат да ни помогнат да ја оствариме нашата клучна цел – стабилност, мир во регионот и решавање на отворени прашања, пред се за трајно решавање на проблемите на Косово и Метохија, се наведува во соопштението од кабинетот на Дачиќ.

Според српскиот шеф на дипломатијата, на состанокот било наведено дека некој треба да ги сослуша аргументите и причините поради кои Србија има малку поостри ставови во регионот.

– Овој состанок потврдува дека новата американска администрација има повеќе разбирање за она што го зборува Србија во однос на претходните администрации, особено оние што беа инволвирани во воениот конфликт во поранешна Југославија. Исто така, сметам дека е време американскиот претседател да дојде во Србија, имајќи предвид дека последниот американскиот претседател кој ја посетил Југославија е Џими Картер, истакнал Дачиќ.

Во соопштението, исто така, се додава дека „во име на претседателот Александар Вучиќ, Србија е подготвена да одговори во секој момент на предлозите на САД кои ќе дојдат во врска со прашањата на безбедноста и стабилноста во регионот. Состанокот беше многу добар и дава голема надеж за успешната соработка меѓу САД и Србија во наредниот период“. (МИА)