Ракомет

Успешен старт на ЖРК Вардар во регионалната лига

Актуелниот победник на женската ракометна регионална лига, Вардар со триумф ја почна одбраната на титулата и тоа во гости кај Будуќност, 24:22 (12-13).

На дуелот се одигра вчеравечер во Подгорица македонскиот првак настапи само со 13 ракометарки, бидејќи поради повреда дома останаа Кузнецова, Лејно, Бајрамовска, Лакрабер и Лазовиќ. Но, и со таков состав Вардар беше рамноправен противник, па иако во најголем дел од натпреварот губеше, кога беше најпотребно одигра одлично и триумфира.

Ина Суслина мечот го заврши со 12 одбрани, и заедно со Јованка Радичевиќ која постигна 7 гола беа најдобрите во победничкиот тим

– Се виде заморот кај играчите во двата тима, како последица на работата на физичка подготвеност, бидејќи ова беше ударна недела и сега полека се намалува тоа темпо. И во двата тима недостасуваа некои ракометарки. Имаше и добри и лоши работи. Будуќност многу има напредувано во однос на играта на турнирот во Скопје. Ние успеавме да се вратиме и покрај минусот што го имавме. Видовме на кои работи треба да внимаваме во иднина, изјави Радичевиќ.

Вардарки денеска ќе играат со Крим исто така во Подгорица.