Ракомет

Македонските ракометарки ги продолжуваат подготовките за дуелите со Шведска и со Србија

Женската ракометна репрезентација на Македонија по трите натпревари на меѓународниот подготвителен турнир во Анкара, Турција, вечерва продолжува со редовни тренинзи во Скопје. Македонија ја очекуваат натпревари со Шведска на гостински терен и со Србија дома, во квалификациите за Европското првенство 2018.

Селекторот Симе Симовски на турнирот во Турција замина со некомплетен состав, поради активностите на дел од репрезентативките на клупски план и оствари по една победа, пораз и еден нерешен резултат.

На првиот натпревар од турнирот, против селекцијата на Турција, Македонија доживеа пораз од 30-26, додека на втората средба против другиот турски состав, се играше нерешено 30-30. На последниот меч, одигран вчера против селекцијата на Италија, нашата репрезентација и покрај тоа што имаше негатива на полувремето од 15-13, во вториот дел одигра многу подобро и со пресврт стигна до победа од 29-24.

Македонија ги отвора квалификациите за ЕП 2018 в среда (27 септември) против првиот фаворит во групата, селекцијата на Шведска, на гостински терен во Линд. Четири дена подоцна, (1 октомври) во СРЦ „Кале“ во Скопје од 19 часот, нашите ракометарки ќе ја пречекаат Србија.