Ракомет

Македонија против Тунис во првиот настап на СП во Франција

Македонската ракометна репрезентација денеска ќе го има својот прв настап на 25. Светското првенство што се одржува во Франција.

rakomet

Избраниците на селекторот Лино Червар за противник ќе го имаат Тунис.

Дуелот почнува во 17 часот и 45 и ќе се игра во Мец каде ќе се одржуваат сите натпревари од Б групата.

На другите две средби од 1.коло во оваа група се среќаваат:

Словенија – Ангола (14 часот) и
Шпанија – Исланд (20:45 часот).

Покрај натпревари од Б групата, денеска во Нант ќе се одиграат и преостанатите два дуела од А групата. Двојките се:

Русија – Јапонија (17:45 часот) и
Полска – Норвешка (20:45 часот).

На првиот меч од оваа група со кој беше отворен Мундијалот, синоќа во Нант, домаќинот Франција го победи Бразил со 31:16.

Капитенот Кирил Лазаров е внимателен пред средбата со Тунис, воопшто на овој мундијал не смееме да очекуваме премногу но јасно е дека оваа генерација на искусни и млади играчи може да дојде до добар резултат на Светското првенство.

-Знаеме дека од нас секогаш се очекуваат најдобри резултати, ние секогаш и се обидуваме да дојдеме до нив, но некогаш таквите очекувања знаат да бидат и нереални. Ние многу пати сме гореле во желбата да дојдеме до триумф на некој значаен натпревар, сметам дека овојпат не смееме да си дозволиме такво нешто, мораме да играме смирено, интелигентно, да ја користиме секоја шанса што ќе ни се укаже, на ова Светско првенство сите селекции играат цврста одбрана и мора да се намачите за да им дадете гол. Ќе видиме како ќе тече натпреварот  со Тунис, трениравме на ситуацијата „седум на шест“, подготвени сме да ги исполниме задачите што од нас ќе ги побара селекторот,изјави Лазаров за ТВ Нова.

-Цврста одбрана, добар голман и максимална концентрација е клучот на успехот за мечот со Тунис. Многу сме мотивирани по поразот во Полска, вели Манасков.

-Денес секој од нас ќе гори од желба, но не треба да „изгориме“ и да ги искористиме шансите кои ќе ни се укажат. Можеби првпат сме во ситуација на аутсајдери и верувам дека тоа може да ни биде од корист. Треба недостатоците на физички јаките и брзи Тунижани да ги искористиме. Нивната одбрана не е така силна и тука можеби имаме шанса, смета крилото на Рајн Некар Левен, потенцираше Манасков.

Токму тој меч и поразот во Гдањск е мотив повеќе за македонските ракометари овој пат да се одигра „машки“, вели Стојанче Стоилов.

– Последниот натпревар против Тунис мина лошо и не баш како што се надевавме, па тие ни се големи должници. Се надевам дека ќе успееме да им се одмаздиме за тој меч во Гдањск и нема да разочараме утре попладне. Можеме без притисок и без дополнителен набој да почнеме со триумф. Лошо изгледавме на последниот натпревар против Тунис, но на натпреварите на големите приредби секогаш влегуваме поеуфорично. Ќе играме борбено и ќе покажеме дека нема предавање со никој ривал, изјави Стоилов.