петок, 16. ноември 2018. Вести денес: 0
home Ракомет

Лазаров го најави четвртиот ракометен камп

Лазаров го најави четвртиот ракометен камп

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров и оваа година ќе одвои време негово знаење кое го стекнал во својата пребогата спортска кариера да го пренесе на младите за време на кампот „Кирил Лазаров 7“.

– Изминатите години поставивме високи стандарди во организација на самиот камп од секој аспект и ќе биде многу тешко во иднина да ги следиме и дополнително да ги надградиме. Ќе се обидеме оваа година да бидеме поиновативни, покреативни, поквалитетни, како во спортскиот така и во делот за едукативните предавања и организацијата на слободното време, вели Лазаров.

Изминатите три години на кампот на најдобриот стрелец во историјата на ракометот поминаа повеќе од 700 учесници, голем дел од Македонија но и кампери од Босна, Данска, Шведска, Романија, Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Шпанија и Франција.

– Радува фактот на исклучително големата заинтересираност за овој настан годинава и тоа не прави да се чувствуваме горди, но од друга страна и многу поодговорно да пристапиме на организацијата на кампот кој и оваа година ќе се одржи во прекрасниот Охрид.  Да бидам искрен, со нетрпение го очекувам јуни и нашето ново другарување, седум дена каде што ќе тренираме и учиме ракомет, каде ќе бидеме позитивни, поставуваме нови цели, ќе се едуцираме што значи здрава и правилна исхрана, развиваме тимски дух и дисциплина, како предуслов за успех во спортот и во животот, нагласува капитенот на македонската репрезентација.

Кампот и оваа година ќе се одржи во Охрид, во спортскиот комплекс на хотелот „Аквалина“, во две смени стартувајќи од 2 јуни до 2 јули.