Ракомет

Јовиќ: Од играчите бараме да уживаат во играта

Ракометарите на Металург во СЕХА лигата по пет одиграни натпревари имаат две победи и три порази, а во среда го пречекуваат словенечкиот тим Горење Велење, која се наоѓа зад Металург на табелата.

По промената на тренерската позиција, откако натпреварите место Лино Червар ги предводи тандемот Александар Јовиќ и Ванчо Димовски, во Лигата на шампионите Металург на последните две гостувања остана непоразен со три освоени бодови.

– Екипата ја водиме заедно со Ванчо Димовски и од играчите бараме само да се борбени и да уживаат во играта. Играчите немаат никаков притисок и да загубиме, никој нема ништо да им забележи. Наши главни цели на секој натпревар се: во одбраната да бидеме борбени, да не се штедиме; во нападот трпеливи до последна секунда да чекаме шанса и да се почитуваме себеси, клубот, колегите и публиката, изјави на денешниот прес Александар Јовиќ.

Одличен настап на последниот дуел од Лигата на шампионите против Чеховски Медведи имаше и младинскиот репрезентативец голманот Мартин Томовски.

– Против Горење игравме и лани и имавме победа и пораз. Со цврста одбрана и сигурен напад ќе стигнеме до посакуваното ниво за триумф и заедно со навивачите да ја прославиме победата, изјави Томовски.

Дуелот Металург – Горење се игра во среда во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:45 часот.