Ракомет

Гонзалез: Тешка победа против силен противник

Шпанскиот стратег на кормилото на Вардар, Раул Гонзалез, не го криеше задоволството од новата победа, втора во сезоната во Лигата на шампиони во која црвено-црните ја бранат шампионската титула.

Нант се покажа како тежок противник, за што говори и фактот дека на три минути до крајот францускиот тим имаше само два гола негатива, но и напад комплетно да се приближи.

За Гонзалез клучно беше првото полувреме во кое Вардар направи четири гола предност.

– Во втората половина на првото полувреме Штербик ни овозможи неколку контранапади, игравме добро во нападот и направивме солидна разлика на полувремето. Во второто полувреме Нант играше подобро, ние имавме многу проблеми со нивниот контранапад, но во клучните моменти Борозан беше одличен и во одбраната и во нападот. Ова беше тешка победа во меч против еден од најтешките противници во групата, изјави Раул по мечот.

И во следното 3.коло Вардар ќе игра пред домашната публика и тоа на 1 октомври кога во Скопје ќе гостува ППД Загреб.