среда, 25. април 2018. Вести денес: 56
home Ракомет

Гонзалез: Прва цел е да играме како голем тим

Гонзалез: Прва цел е да играме како голем тим

Македонската ракометна експедиција од утрово е во Загреб, каде в сабота ќе го започне својот настап на Европскиот шампионат.

Новитет во информирањето од Првенството е отвореното студио кое го има телевизиската продукција на Европската ракометна федерација (ЕХФ ТВ), во кое меѓу првите гости беше македонскиот селектор Раул Гонзалез.

– Ова е големо натпреварување. Сите сакаат да бидат овде. Се е перфектно, со нетрпение чекаме да почнеме да играме. Мислам дека немавме доволно време за подготовки, но среќен сум дека минавме доволно време заедно, па мислам дека, сепак, сме доволно подготвени, изјави македонскиот селектор.

На прашањето која е првата цел, и кои се очекувањата во групата, Шпанецот Гонзалез истакна дека најважно е да одиграат како голем тим.

– Првата цел е да изгледаме како тим, да играме заеднички и силно, сите до еден. За да имаме шанса да ја минеме групата, најважно е како ќе го одиграме првиот меч против Словенија, од тоа зависи понатамошниот тек на шампионатот. Треба да одиме чекор по чекор, прво мора да се фокусираме на Словенија, а потоа ќе размислуваме за другите, дополни Гонзалез.

Тој не го криеше задоволството што при престојот во нашата земја имаше можност да го научи македонскиот јазик.

– Ние зборуваме на македонски. Во мојот клуб Вардар вложивме голем труд и сите да научиме македонски. Во екипата има Руси, Срби, Хрвати, Шпанци, но решив да зборувам македонски, и мислам дека одлично се разбираме. Впрочем, зборувам македонски бидејќи имам почит кон народот, нацијата, земјата, истакна Гонзалез.

Според програмата, селекторот Гонзалез и неговите избраници, попладнево треба да го одработат првиот тренинг во загрепската „Арена“, каде в сабота против Словенија ќе го одиграат првиот меч.

Комплетното интервју на македонскиот селектор Гонзалез може да го видите на овој линк Men’s EHF EURO 2018 Live Show – 11 January | Presented by Lidl.