Останати спортови

ГОК „Борец“ од Велес засилен со тројца репрезентативци

Градскиот одбојкарски клуб „Борец“ од Велес, значително засилен ќе влезат во новата натпреварувачка сезона.

Како што информира Валентин Миланов претседател на клубот, договор  со клубот потпишале тројца репрезентативци.

– Нови членови на ГОК „Борец“ од денеска официјално се Васе Михаилов и Славе Наков. Тие настапуваат на позициите примач и среден блокер, а во Велес доаѓаат од екипата на Струмица. Исто така потпис на договор со ГОК „Борец“ стави и Иван Андонов кој се враќа во Македонија по настапите во Албанија,појасни Миланов.

Славчо Чадиев градоначалникот на Општина Велес, а која е главниот финансиер на  овој градски клуб, денеска приреди прием за првите луѓе и за новите играчи во клубот. На средбата им ја претстави визијата за развој на одбојкарскиот спорт во градот.

– Ние досега сме биле сведоци на многу клубови кои се формирале, во нив се вложиле средства, тие имале брз инстант успех,но за жал за  две до три години тие згаснале. Нашата цел со Градскиот Одбојкарски Клуб „Борец“ не е таква. Ние како императив имаме континуитет на добри резултати кои од година во година ќе одат по едно скалило погоре. Сепак ќе потенцирам дека  со новите засилувања веќе имаме добар предуслов за постигнување одлични резултати на домашната сцена,најави  градоначалникот  Чадиев.

Од клубот  со доаѓањето на репрезентативците очекуваат тоа  да биде голем поттик за работа кај помладите играчи.