Кошарка

МЗТ со победа над Бакиркој ја заврши мини-турнејата во Турција

Кошаркарите на МЗТ Скопје во третиот меч дојдоа до првата победа во контролните средби пред новата сезона, откако денеска, во Истанбул, го совладаа турскиот второлигаш Бакиркој баскет со 92:72.

Македонскиот шампион и покрај убедливата победа не е задоволен од начинот на кој судиската тројка ја делеше правдата на овој меч.

Дамјан Стојановски беше убедливо најдобар во МЗТ Скопје Аеродром со 23 постигнати поени, а добра офанзивна партија прикажа и Даниел Џенсен со 20 поени. Брет Бејли застана на 12 поени, а Адем Мекиќ и Бојан Трајковски реализираа десет односно осум поени.

На првите две средби на турнејата во Турција, македонскиот првак загуби. Прво од Бујукчекмече, а потоа и од Цибона.

Сино-белите веднаш по мечот се враќаат во Македонија, каде што во понеделник накусо ќе продолжат со тренинзи пред заминувањето на нова мини-турнеја, овој пат во Бугарија и Романија каде што ќе ги одмерат силите со Левски, Лукоил Академик и двапати со Крајова.