Кошарка

МЗТ Скопје договори обнова на соработката со Лалиќ

Хрватскиот центар Јуре Лалиќ и следната сезона ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако договори продолжување на соработката со екипата од „Јане Сандански“.

 

Станува збор за искусен центар кој повеќе од солидно ја одработи минатата сезона во „сино-белиот“ дрес во кој дојде и до шампионската титула во домашното првенство. Лалиќ во својата кариера има настапувано и за Задар, Цибона, Крка, Унион Олимпија, бугарски Лукоил, полски Стелмет и белгиски Шарлоа.

Борбеноста и пожртвуваноста се најголеми адути во играта на високиот Хрват, за што говори и фактот што дури двапати доби скршеница на носот во текот на минатата сезона играјќи за МЗТ Скопје Аеродром.

Во АБА-лигата настапи на 23 средби со просек од 10,7 поени и 4,8 скока. Најдобра партија му беше на гостувањето кај Карпош Соколи кога постигна 22 поени, а одличен беше и против Задар на теренот на противникот со учинок од 19 поени и 12 скока. Лалиќ беше и еден од клучните фактори во освојувањето на шестата шампионска круна за аеродромци.

– Лалиќ денеска треба да пристигне во Скопје, а в понеделник да ги мине задолжителните лекарски прегледи по што ќе може да му се стави на располагање на тренерот Александар Тодоров. Ако се биде како што треба, Лалиќ ќе биде во составот на „,металците“ на претстојната мини-турнеја во Бугарија и Романија каде што ќе одиграме средби против Левски, Лукоил Академик и двапати против Крајова, соопштија од МЗТ.