Фудбал

Велковски: Се надевам дека конечно ќе ја израдуваме публиката

Репрезентативниот бек Дарко Велковски е убеден дека утрешниот меч против норвешкиот Розенборг, е шанса за македонскиот шампион Вардар конечно да се забележи позитивен резултат во групната фаза од Лига Европа.

Велковски смета дека и на првиот меч во Норвешка, Вардар беше блиску до позитивен резултат, но пропуштените шанси фудбалерите на Розенборг ги казнија, па на крајот црвено-црните загубија со 3-1.

– Сите играчи се подготвени за овој натпревар да го дадат максимумот од себе, а доколку го сториме тоа верувам дека ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи. Не очекува тежок натпревар против Розенборг, тим кој негува класичен скандинавски фудбал. Таква игра ни одговара, тоа го видовме и во квалификациите против Малме и Копенхаген, но и на првиот меч против Розенборг. Шансата ќе ја бараме со игра по земја, бидејќи Норвежаните се подобри во воздушни дуели. Се надевам дека достојно ќе се простиме од европското натпреварување и конечно ќе го освоиме тој толку посакувам бод, зошто да не и трите, изјави Велковски.

Вардарци се единствените во Л групата кои досега немаат освоено нити еден бод, односно на петте одиграни натпревари забележаа исто толку порази.

Последната шанса, колку толку да се поправи впечатокот, пред се резултатски, е утрешниот меч против Розенборг кој ќе се игра во терминот од 20 часот и 5 минути.