Фудбал

Светот се мајтапи со Роналдо: Има повеќе деца отколку голови сезонава (ФОТО)

Поминаа 12 кола во Примера, а Карим Бензема и Кристијано Роналдо имаат дадено по еден гол, и тоа двајцата на дуелот против Гетафе. Навистина катастрофална статистика.

И додека Бејл е вечно повреден, преостанатиот дел од некогаш убиственото трио ББЦ е предмет на исмејување.

Единствено напаѓачкиот тандем на официјално најлошиот клуб во историјата на најсилните лиги, малиот Беневенто, е полош од Бензема и Роналдо. Тие постигнаа само еден погодок.

За споредба, Меси и Суарез постигнаа 17 гола сезонава, Кавани и Нејмар дури 22, а тандемот на Лион составен од Фекир и Маријано, 20.

Мадридските медиуми се сложуваат, Роналдо е во најлоша форма откако е пристигнат на „Бернабеу“ од 2009 година.

Од градското дерби против Атлетико се зборува за неговата загубена брзина, а на социјалните мрежи се исмеваат со неговите неодамнешни изјави дека сака да има ист број на Златни топки колку и деца. Поточно, сака по седум.

Но, статистиката вели дека во последните пет месеци, Португалецот добил три деца, а постигнал само еден единствен гол во првенството. Од родителски аспект, Кристијано е во страшна форма, но од фудбалски, тоа е сепак премалку за официјално најдобриот играч во оваа година.