Фудбал

Македонија У-21 ги почна подготовките за дуелот со Црна Гора

Новата генерација македонски фудбалери до 21 година ги започна подготовките за првиот контролен натпревар против Црна Гора закажан за 24 март во 14:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

makedonija u 21

Селекторот на македонска репрезентација, Благоја Милевски, паралелно работи на два проекти. Од една страна подготвува нова генерација за пласман на Европското првенство во Италија за две години и се подготвува за историско учество на континенталните собири во Полска, во јуни годинава.

На 28 март селекцијата на Милевски која обезбеди место на континенталниот шампионат ќе одигра контролен натпревар против Бугарија.

– Во текот на вчерашниот ден го одработивме првиот тренинг, Енур Тотре се жалеше на мала повреда по првенствениот натпревар со Брегалница, но се надевам дека ќе биде во ред и ќе конкурира за настап против Црна Гора. Доцна синоќа пристигнаа Алекса Амановиќ и Алекс Симовски, а тоа значи дека во полн состав ќе тренираме денеска. Повторно нагласувам дека ова е последна проверка за новите фудбалери во тимот, или оние кои не беа во можност да бидат дел од селективните кампови, да го потврдат својот квалитет и на сите да ни потврдат дека имаат потенцијал за место во репрезентацијата во идниот квалификациски циклус, изјави селекторот Благоја Милевски.