Фудбал

Јаневски: Зенит е најквалитетниот тим во нашата група

Фудбалерите на Вардар утре ќе отпатуваат за Санкт Петребург каде во четврток ќе играат против руски „Зенит“ во рамки на 5.коло од Лига Европа на УЕФА.

„Црвено-црните“ се последни на табелата во групата Л без освоен бод, додека Зенит е прв со 10 бодови и важи за фаворит на овој дуел.

– Нема притисок за играчите на овој натпревар, а Зенит е најквалитетниот тим во нашата група. Ние ќе обидеме да се надигруваме и евентуално да постигнеме позитивен резултат и со тоа да се „крене“ моралот за натпреварите од домашното првенство. Ќе играат само тие што се „фит“, изјави  тренерот Чедомир Јаневски.

Поради повреди за Русија нема да патуваат Бобан Грчаров, Владица Брдаровски и Хофханес Хамбарѕумјан.

Вардар утре рано наутро ќе отпатува за Русија, а во Санкт Петербург треба да пристигне попладне. Со цел да се зачува теренот на стадионот „Крестовски“, официјалниот тренинг Вардар ќе го има на стадионот „Петровски“.

Првиот натпревар на двата тима одигран на 14 септември во Скопје, Зенит го доби со 5:0.