Фудбал

Јаневски: Покрај собирањето искуство мора да размислуваме и на резултат

Македонскиот првак Вардар утре ќе го одигра последниот меч во фудбалската Лига Европа. Вардарци кои досега немаат освоено ниту еден бод, се надеваат дека конечно пред својата публика ќе успеат да го сторат тоа, бидејќи за противник го имаат Розенборг против кој на гостувањето во Норвешка загубија со 3-1, иако имаа и шанси да останат непоразени.

Тренерот Чедомир Јаневски потенцира дека утре против норвешкиот шампион, ќе мора да се даде максимумот, бидејќи тоа е последната шанса да се освои боди или три во групната фаза, која не треба да биде само собирање на искуство, туку и мора да се размислува да се направи и резултат.

– Ова е наш последен меч во Лига Европа и видовме сите што значи да се игра во оваа натпреварување. Сето ова треба да ни биде мотив за во иднина, да не застанеме тука. Ова беше настап во кој собиравме искуство, стручниот штаб, играчите, сите. Сепак, мораме да гледаме и на резултатски план. Досега не минавме добро, а на две гостувања бевме блиску до бод, со Розенборг каде што одигравме добар меч, како и на последниот меч со Зенит, каде бевме рамноправен противник, посебно во вториот дел и можеби можевме до историски бод. Утре е последна шанса да дојдеме до толку посакуваниот бод или бодови, рече Јаневски на денешната прес-конференција во пресрет на утрешниот меч.

Дополнителен притисок претставува и проблемот со играчите во одбраната. Подолго време поради повреда го нема Владица Брдаровски, а ќе недостасува и Хофханес Хамбарџумјан кој има суспензија поради парен број на жолти картони.

– Утре во одбраната ќе мора да направиме рокади и да не бидете изненадени, зошто некој од играчите ќе мора да игра на неприродна позиција за нив. Но, без разлика на тоа ќе мора да истрчаме храбро за да дојдеме до тие посакувани бодови, додаде Јаневски.

Дуелот Вардар – Розенборг, кој е во рамките од последното 6.коло на Л групата, ќе се игра утре со почеток од 21 часот и 5 минути, на националната арена „Филип Втори“.