Фудбал

Јаневски: Ги анализиравме добро, ќе се обидеме да постигнеме добар резултат

Македонскиот шампион Вардар утре со почеток 19 часот го игра натпреварот од 3. коло од Лига Европа. Во Скопје гостува шпанскиот тим Реал Сосиедад, кој во моментов се наоѓа на седмото место во Ла Лига.

На прес конференцијата тренерот на „црвено-црните“ Чедомир Јаневски изјави дека е направена добра анализа на утрешниот противник по првите два натпревара. 

– Реал Сосиедад е тим што сака да има посед на топката и играат да дадат гол повеќе. Со добра организација на играта и концентрација треба да ги искористиме нивните слабости  и секако ќе се обидеме да постигнеме добар резултат и да ги освоиме првите бодови. Како и да е ќе зависи пред се од нас, дека ние играме дома. Реал Сосиедад заедно со Зенит се главните фаворити во нашата група за првите две места, рече тој.

На дуелот со Реал Сосиедад, Јаневски нема да може да смета на повредените: Владица Брдаровски, Дарко Велковски и Висар Муслиу.

На двата бараж дуела со Фенербахче напаѓачот Тигран Барсегјан беше голема опасност по голот на противникот. Тој очекува добар натпревар на неговиот тим.

– Реал Сосиедад е добра екипа со добри играчи. Не очекува неизвесен дуел, а особено за нас овој натпревар е важен по двата први пораза во групата. Ќе играме да постигнеме добар резултат и ја спроведеме тактиката на стручниот штаб, истакна Барсегјан на средабата со новинарите.

Фудбалерите на Вардар одржаа и тренинг на Националната Арена „Филип Втори“, каде од 19 часот ќе тренираат и гостинските фудбалери.