Фудбал

Чеде го избрка Попов од репрезентација, па сега му го враќаат во Вардар

Горан Попов е пред кам-бек во редовите на Вардар, откако поради административни компликации тој не може да потпише за екипата на Докса од Кипар.

Левиот бек три години го носеше црвено-црниот дрес, но летово откако му истече договорот реши да ја промени средината. Откако му пропадна трансферот во кипарскиот тим, управата на Вардар решила да му понуди нов договор на инсистирање на сопственикот Сергеј Самсоненко.

Тој не беше со „вардарци“ за време на подготовките изминатите два месеци, а не се знае како на оваа информација ќе реагира новиот тренер Чедомир Јаневски, кој има нерасчистени сметки со фудбалерот уште од времето на македонската репрезентација.

Пред пет години, кога Јаневски беше на селектор ги отстрани од националниот тим Горан Попов и Стевица Ристиќ поради недисциплина само неколку часа пред натпреварот со Србија во Скопје во рамки на квалификациите за Светското првенство во Бразил 2014 година.

Официјално не се дозна од кои причини Попов и Ристиќ беа суспендирани од националниот тим иако низ јавност се ширеа многу шпекулации. Останува да видиме какво влијание врз тимот ќе има враќањето на Попов и каков ќе биде односот со новиот тренер Јаневски.

пишува: sport1.mk