Фудбал

Блатер и Мурињо најомразени личности во фудбалот

Поранешниот претседател на ФИФА Сеп Блатер и португалскиот тренер Жозе Мурињо ја предводат листата од 50 најомразени луѓе во светот на фудбалот по избор на магазинот „Four Four Two“.

Меѓу првите десет се германскиот голман Тони Шумахер (Харалд Антон Шумахер), поранешниот претседател на УЕФА Мишел Платини, спортскиот новинар Ричард Кејс, Кристијано Роналдо, поранешниот спортски директор на Јувентус Лучијано Моџи, сенегалскиот фудбалер Ел Хаџи Диуф, сопственикот на МК Донс Пит Винкелман и поранешниот капитен на Англија Џон Тери.

Секоја номинација има и кусо хумористично објаснување. За Блатер напишале: Пред четири години на студенти на Оксфорд им рекол – Знам дека сите мислите оти ФИФА е бездушна машинерија која печати пари на сметка на фудбалот и дека секој ден насмеан одам кога ја гледам својата сметка во банка. Не, целосно сте погрешиле.

Мурињо го опишале како „човек кој живее од кавги и живее со максимата – не сум задоволен кога победувам, среќен сум кога другите губат.

Шумахер, кој на СП 1982 година „крвнички“ го удри Патрик Батистон, го оквалификувале како човек кој во анкетата во париски весник победил пред Хитлер. Откако несреќниот Батистон останал по тој старт без неколку заби, Шумахер изјавил: Ако е тоа се, јас ќе му ги платам пломбите.

За Роналдо пишува – Целата кариера води две битки – едната против Меси и другата со перцепцијата на јавноста за себе. „Роналдо е толку нарцисоиден, вљубен во себе и веројатно е ужасно незадоволен кога на стадионот на кој игра нема голем екран. Се памети неговата прослава на победата на Реал во Лигата на шампиони, за која нималку не беше заслужен или кога насред славјето при португалското освојување на европското првенство запре, бидејќи се виде себе си на големиот екран“, напишано е во образложението.

Меѓу останатите 40 се и Бернар Тапи, Марадона, Луис Суарез, Диего Коста, Ешли Кол, Роман Абрамович, Силвио Берлускони, Пепе, Серхио Рамос.