среда, 17. јануари 2018. Вести денес: 53
home Музика

Вејчеслав Поповски: Посакувам 2018 година да биде година на љубов, музика и многу реализирани соништа

Вејчеслав Поповски: Посакувам 2018 година да биде година на љубов, музика и многу реализирани соништа

Поддршката  е храна на вербата во себе и сила што те  води до успех, затоа на крајот на година сакам јавно да им се заблагодарам на сите мои поддржувачи, вели во својата честитка нашиот млад пејач Вејчеслав Поповски, кој за својот вонсериски талент веќе има добиено голем број награди, дома и во странство.

2017 година пред себе си поставив високи цели, за кои имав голема верба во себе дека ќе успеам да ги реализирам и тоа беше единственото нешто што ни за момент не ми дозволи да се откажам.

Со своите 16 години оваа година одлучив да направам  Гала концерт со камерен оркестар кој  сам го составив  со мои колеги ученици од Средното музичко училиште и Факултетот за музичка уметност  од Скопје кои ја поддржаа мојата идеја и веруваа во тоа што јас го имав сработено.  За Гала концертот подготвив самостојно аранжмани за едни од најпознатите светски поп песни, а имав и можност на концертот да ги  изведам и еден  од најубавите македонски евергрини „ ЧИЈА СИ„  ,мојата нова песна  ЛЕТАЈ ПЕСНО и други.

Периодот на подготовка на овој концерт за мене беше  многу голем предизвик , беше едно големо искуство кое ми отвори многу врати и ме научи на многу работи. И сега кога ќе погледнам назад , се чувствувам толку гордо и толку многу исполнето и  сум презадоволен од сето тоа што го направивме. И сите тешки моменти, сите препреки и разочарувања  во многу личности кои се обидуваа да го срушат мојот сон,  да ме отргнат од идејата да успеам и да ја изгубам вербата во себе сега на сето тоа гледам со насмевка, бидејќи сите тие само ми помогнаа да сега јас уште повеќе верувам  во тоа што го правам  и за тоа сум им многу  благодарен.

Но  на патот по кој си тргнал , ако се разликува од правецот и темпото со кое сите чекорат  ти мора да си спремен да се соочиш со препреки и за тоа не бев целосно спремен , но целата моја среќа беше што јас сепак имав личности кои безрезервно ме поддрржуваат во сите мои замисли, зошто веруваат во мене  и тие беа мојот разум, мојата сила и мојот мотив.

Желбата да се успее да се реализира еден сон, една желба  која неколку години претходно си ја посакав , уште 2014 кога ја добив 13 Ноемвриската награда, кога се качив на бината во Македонскиот народен театар да ми ја врачат наградата мојата прва мисла беше :

„ Во овој прекрасен објект, кој плени со убавина и буди посебна енергија би сакал да направам концерт и на тој начин и ќе се заблагодарам за оваа престижна награда“ и тоа и се случи.

Како млад уметник кој сака инвентивно  да работи и да создава , мора да имаш среќа да добиеш подадена рака  за да ги  реализираш  своите  соништа  и ги оствариш своите цели.  Јас искрено од срце сакам јавно да им се заблагодарам на сите поддржувачи на мојата идеја за реализација на Гала концертот ЛЕТАЈ ПЕСНО кој воопшто не беше лесно да се организира и без кои сето тоа ќе останеше само посакувана желба и неостварен сон.  Најпрво морам да се заблагодарам на моите родители кои уште од најрани години ме поддржуваат во секоја моја замисла, потоа се заблагодарувам  на моето училиште   и на директорот Јован Бицевски и проф. Александра Коцевска кои  секогаш имаат разбирање за моите идеи и замисли.

Но реализацијата на овој проект немаше да се оствари без поддршката на Министерството за култура и  Македонскиот народен театар кои  како институции од областа на културата ме поддржаа и ми овозможија да го реализирам мојот долго посакуван настап на сцената на овој театар со свој Гала концерт.

И во иднина по реализација на овој проект на иницијатива на млади уметници , се надевам дека вратите на институциите од културата ќе бидат широко отворени , зошто тоа е вистинскиот пат како да се поттикне и поддржи талентот на младите уметници. За еден уметник поддршката  е најважна , зошто  тоа е клучот на успехот, бидејќи можеш да си талентиран и да веруваш во себе но без поддршка ќе наидеш на многу препреки и личности кои ќе се обидат да те отргнат од патот.

Една посебна  голема благодарност за првата дама Г-ѓа Маја Иванова, жената која  јас  посебно ја  почитувам и сум и многу благодарен за целата поддршка што ми ја дава и што секогаш е присутна на сите мои големи  настапи уште од самите  мои  почетоци. Нејзиното присуство на Гала концертот„ ЛЕТАЈ ПЕСНО“ за мене беше посебно задоволство и сигурност дека сме на вистинскиот пат.

Гала концертот  беше и медиумски  поддржан  за што посебно им благодарам на Канал 5 Телевизија за промотивната најава и на Македонската радио телевизија која го сними и емитуваше концертот на кој начин овозможи истиот да биде виден и слушнат од пошироката јавност.  Исто така голема благодарност до електронските портали кои ја пренесоа веста за Гала концертот и за прекрасните зборови и поддршката  за истиот.

За секој голем настан па и за овој концерт особено беше  значајна поддршката од невладиниот  и од  бизнис секторот и во овој момент голема благодарност сакам да упатам на невладиното здружение „Акција& Реакција“, Зегин Хелти Фуд, Кроација осигурување, Уника Осигурување, Стопанска Банка Битола, Клириншка куќа КИБС АД Скопје и модното студио ЕЛЕНА ЛУКА кои се мои долгогодишни поддржувачи.

Една интересна соработка и поддршка за реализација на овој Гала концерт имавме и со Факултетот за визуелни уметности ЕСРА од Скопје и ректорот на универзитетот проф.Јордан Плевнеш кој несебично ни ги отвори вратите и една нивна студентка  ни  ги направи прекрасните  фотографии и плакатот за овој концерт и го збогатија концертот со настап на прекрасните две девојки кои со свој танцов перформанс го збогатија визуелниот  ефект на концертот и  за поддршката од срце им се заблагодарува и искрено се надевам на понатамошна соработка.

Сега додека зборуваме и кога се потсеќам на секој поминат момент од времето на подготовка , ми се навраќа таа возбуда и позитивна еуфорија од фактот дека ние една група на млади уметници подготвуваме нешто свое , самостојно и бевме спремни да го реализираме, не чекајќи при тоа да сме принудени од професорите дека ова нешто ни е наметнато  и мораме да го правиме ни претставуваше поттик повеќе.

Мои искрени честитки и благодарност до сите поддржувачи на проектот  Гала концерт „ЛЕТАЈ ПЕСНО“ и посебна благодарност до сите мои колеги кои беа со мене и заеднички успеавме да реализираме еден прекрасен настан во кои верувам дека сите уживаа, но и верувам дека преку овој проект научивме многу и покажавме дека заслужуваме да бидеме поддржани во нашите идеи. Проектот не зближи уште повеќе, имаше многу дружење, споделување на знаење и искуство, многу предизвици , справување со неочекувани  ситуации, многу отстапки и усогласувања и сето тоа уште едноо големо, големо искуство.

По реализацијата на овој  голем проект, следуваше организација летот во месец август на уште два концерти на Етно плоштадот во Берово и на Карпошево лето, но во една нова димензија на отворена сцена и со бенд од врвни музичари со кои ми беше особено задоволство да соработувам. Културните настани кои ги организираат   општините се добра можност за претставување и јас искрено им сум благодарен на овие две општини за укажаната доверба и поддршка и се надевам дека во иднина ќе има уште поголем број на вакви културни настани во сите општини за доближување на уметноста и културата до народот.

Јас како уметник кој има доста прошетано и настапувано во многу земји, сум многу горд на мојата земја која е вистинска ризница на уметност и ние како народ немаме потреба да чекаме други да не потсетуваат на тоа дека во Македонија има уметници достојни за почит. Мојата порака  за во иднина е да се свртиме сами кон себе  и да   видиме колкаво  богатство имаме, јас лично како уметник сакам прво моите професори и мојот народ да го препознаваат  тоа што го работам, да го оценат  и да се гордеат со секој мој проект , па дури потоа  треба да ја отворам вратата кон светот и гордо да чекорам зошто тогаш си свој и сигурен, имаш минато а со сигурност ќе имаш и иднина. Јас сум горд на својата земја и сакам со гордост да го  промовирам богатството на неисцрпната македонска културна ризница.

Ова лето успеав да го реализирам пет години подготвуваниот проект за самостојна изработка на инструментот ВИОЛИНА, за кој вложив многу време изучувајќи ги самостојно тајните на големите мајстори на интернет и читајќи многу литература . Го чекав вистинскиот момент кога ќе бидам подготвен и оваа година ми се исполни  мојот голем сон. Работев многу посветено цело лето и имаше многу непроспиени ноќи, но среќата и гордоста немаат зборови со кои ќе се искажат , ни трепетот на моето срце кога го служнав звукот на мојата виолина , тоа е среќата на уметникот која нема цена, да уживаш и да се гордееш со  своето дело. Ако некој претходно ми кажеше дека со изработка на виолина треба да започнеш во моментот кога ќе бидеш спремен да му дадеш на дрвото дел од твојата душа , да ја пренесеш во него целосно твојата енергија , јас немаше целосно да го разберам, а сега знам дека во секој отсвирен тон ја чувствувам мојата внатрешна енергија и љубов преточена во музика.

Голема благодарност на маестро Зоран Џорлев кој со воодушевување ја прифати поканата за промоција на мојата виолина, неговата поддршка за мене е голема чест.

Посакувам Новата 2018 година да ни донесе добро здравје, многу среќа, мир, разбирање, толеранција, дружење,  љубов и многу, многу реализирани проекти на  младите, бидејќи  заслужуваат поддршка и почит за инвентивноста и трудот што го вложуваат.

Вистинскиот уметник, не застанува, кај него идеите се како лава од вжештен вулкан, да сме живи и здрави и да работиме, да сме упорни и да  веруваме силно во себе, зошто само работата, упорноста и вербата во себе се основата на секое  големо дело,а поддршката  е таа е најважна за големото дело да ја добие својата вредност и да ја доживее светлината на денот .

Убави празници исполнети со добра музика