петок, 16. ноември 2018. Вести денес: 0
home Музика

Евровизија 2018: Еве во која полуфинална вечер ќе настапува Македонија

Евровизија 2018: Еве во која полуфинална вечер ќе настапува Македонија

Како што сите знаеме оваа година град домаќин ќе биде Лисабон и државата Португалија.

Токму оваа земја минатата година убедливо победи на Евровизија 2017 што се одржа во Украина во името на Салвадор Собрал.

Денеска се изврши и ждрепката за двете полуфинални вечери, па така познато е која земја кога ќе настапува.

Извлекувањето се емитуваше во живо на евровизискиот канал на Јутјуб, а на самиот почеток беше определено кога ќе гласаат шесте финалисти, односно земјите од „големата петка“ и домаќинот, па така Португалија, Шпанија и Обединетото кралство ќе гласаат во првата полуфинална вечер, а Германија, Франција и Италија во втората.

Полуфиналистите се поделени на 19 во првата и 18 во втората полуфинална вечер. Како и во самиот процес на пријавување за натпреварот, така и овде Македонија беше извлечена буквално последна, а нашиот претставник или претставничка ќе настапи во втората половина од првата полуфинална вечер на 8 мај.

Заедно со нас ќе се натпреваруваат и Бугарија, Албанија, Грција и Хрватска, Белорусија, Литванија, Чешка, Белгија, Исланд, Азербејџан, Израел, Естонија, Швајцарија, Финска, Австрија, Ирска, Ерменија и Кипар.

Во втората полуфинална вечер, на 10 мај, ќе се натпреваруваат: Русија, Србија, Данска, Романија, Австралија, Н0рвешка, Молдавија, Сан Марино, Холандија, Црна Гора, Шведска, Унгарија, Малта, Летонија, Грузија, Полска, Словенија и Украина.

Секако дека редоследот на настапи за самиот настан ќе биде дополнително утврден, односно откако ќе бидат познати сите песни и подредени според самиот стил на музиката.

Македонската Радио Телевизија неодамна распиша конкурс за нашата евровизиска песна, а домашните и странските автори можат да ги праќаат своите композиции најдоцна на 8 февруари.

Потоа, врз основа на избраната композиција ќе биде предложен и изведувач или група изведувачи што би нè претставувал/е во Лисабон.