среда, 17. јануари 2018. Вести денес: 72
home Музика

Дамјанов пред три години проговори за пеколот низ кој минувал- животот му згасна прерано

Дамјанов пред три години проговори за пеколот низ кој минувал- животот му згасна прерано

Утрово почина пејачот Зоран Дамјанов, кој долги години твореше на музичката фолк-сцена. Причинaта за смртта засега не е позната. Од пејачот од Кавадарци преку социјалните мрежи се простуваат пријателите и колегите, со коментари дека ќе го паметат како еден од најталентираните македонски пејачи.

Во искрено интервју пред три години проговори за пеколот низ кој минувал тој и неговото семејство, поради неговата долгогодишна зависност од алкохол. Дамјанов раскажа за агонијата која што била дел од неговиот живот со години, се додека самиот не решил да стави крај и да започне нов живот, најмногу поради двете ќерки близначки, поради сопругата и блиските роднини, пренесува ФОКУС.

-Самиот започнав апстиненција која траеше дваесет и шест дена. Знаев дека триесеттиот ден ми е критичен, па се пријавив на лекување во Скопје, во специјализирана установа, каде останав цели 70 дена. Цел тим на професионалци работеше со мене, примав и медикаментна терапија и животот ми се промени на подобро. Рехабилитацијата ми беше тежок период, но во споредба со тоа што го минав пред да започнам со лекување, ова беше рај. Ги издржав сите кризи, сите предизвици и успеав да застанам на свои нозе. Како да се учев да одам повторно, ете така би го опишал искуството, рече Дамјанов.

Тој нагласил дека луѓето треба да сфатат дека лекувањето на алкохолизмот е нешто кое што не е срамно, не треба да се гледа со потсмев на алкохоличарите, тоа е опасна болест.

-Да се исмејуваш некому затоа што заминал на лекување од алкохол, за мене е исто како да се исмејуваш некому затоа што се лекува од рак. Се се тоа состојби за кои што е потребна соодветна терапија и се опасни по живот, изјави Дамјанов кон крајот на 2014 година во отвореното интервју за ФОКУС. Тогаш раскажа дека успеал да си го врати мирот во семејството, ја вратил старата тежина и се посветил на кариерата.

Веста за неговата смрт ја споделија негови роднини и пријатели на социјалните мрежи