Музика

Баритонoт Марјан Јованоски настапи во Казахстан

Еден од водечките солисти на Македонската опера и балет, баритонoт Марјан Јованоски гостуваше во операта на Астана во Казахстан. Настапи во улогата на Скарпија во операта „Тоска“ од Џакомо Пучини, во оригиналната продукција на Миланска скала, под диригентско водство на италијанскиот маестро Џузепе Аквавива, со реномираната оперска певица Жупар Габдулина во насловната улога.

 

marjan jovanovski

За Јованоски ова е прв настап во неодамна отворената опера во Астана, на иницијатива на Амбасадорот на Република Македонија во Казакстан Илија Псалтиров. Премиерното претставување во Астана е резултат на соработката меѓу тамошната опера и Македонската опера и балет за размена на уметници.

Јованоски развива богата оперска кариера, настапувајќи во САД, Германија, Австрија, Бугарија, Хрватска,… Публиката го памти неговиот извонреден настап во улогата на принцот Елецкиј, со оперската легенда, мецосопранот Елена Обрасцова во операта „Пикова дама“ од Петар Илич Чајковски на сцената на летниот театар „Крижанке“ во Љубљана, Словенија. Добитник е на бројни награди, вклучувајќи ја и Втората награда на меѓународниот конкурс „Е. Димитрова“ во Плевен, Бугарија и наградата „Џузепе Верди“ за најдобар баритон на меѓународниот оперски натпревар во Сполето, Италија.