Филм

Премиера на „Ghost in The Shell“ со Скарлет Јохансон, ФХ3Х дел од ефектите

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на „Ghost in The Shell“, најновиот проект во кој се појавува Скарлет Јохансон како супер херој од јапонските манга стрипови, а чија премиера е вечер во Скопје.

skarlet

Кристијан Даниловски, еден од основачите на ФХ3Х, истакнува дека  „Ghost in The Shell“ е популарен јапонски стрип, еден од класиците на манга правецот.

– Ова е прв пат оваа франшиза да се појави во форма на игран филм, иако како серија датира од деведесетите години. Секако, научно фантастичниот жанр нам ни отвора простор да се истакнеме со она што го работиме и го знаеме, и со нетрпение очекуваме да го видиме резултатот, вели Даниловски.

На проектот, додава тој, е работено од мај 2016 до јануари 2017 година со тим од 130 артисти.

Според содржината на филмот, Скарлет ја игра улогата на Мајорот, спасена од несреќа, на која се инсталирани роботски елементи за подобрување на нејзината активност што ја прави совршен војник посветен да ги запре најопасните криминалци. Кога тероризмот ќе достигне ново ниво заради можноста да ги контролираат луѓето преку нивните мисли, таа е најспособна да ги спречи, но се соочува со лична борба да открие кој и го одзел правото на нормален живот.

Режисер на филмот е Руперт Сандерс, а покрај Јохансон, во филмот се појавуваат и Пилу Азбек и Такеши Китано. Премиерата е вечер во градското кино Милениум од 20 часот.