Филм

Џулија Робертс во преговори за улога во филм за српски бизнисмен

Српскиот бизнисмен Богољуб Кариќ и понудил на холивудската глумица Џулија Робертс улога во филмот за неговото семејство, што се уште е во претпродукција.

– Вистина е дека преговараме. Една од идеите е Џулија да ја толкува улогата на мојата сопруга Миланка, и покрај тоа што Миланка претпочита ролјата да и припадне на Катрин Денев или Шерон Стоун. Во тој случај, Џулија би ја одглумела снаа ми Маријана, открива Богољуб Кариќ за белградски „Новости”.

Буџетот за филмот е не помалку од пет милиони евра.

Семејството Кариќ важи за едно од најбогатите во Србија. Тие беа мнозински сопственици на првата компанија за мобилни телефони во земјата, „Мобтел” и имаат бизнис врски со руски конгломерати. Богољуб Кариќ беше близок и со поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Џулија Робертс минатата седмица престојуваше во Белград заедно со своето семејство. Се говори и дека нејзиниот сопруг, сценаристот и режисер Даниел Модер работи на проект во Белград.