Скопје

Заврши 12. Културно лето „Три круши 2017“

Со одличниот настап на најквалитетната македонска фолк ѕвезда Сузана Спасовска и познатата групата “Академци“, синоќа се затвори дванаесетото по ред Културно лето “Три круши 2017“.

 

Сузана Спасовска својот целовечерен концерт го започна со изведба на нејзината најпозната фолк песна посветена за татковината “Има една земја“. Повеќе од еден час бројната публика во еден глас заедно со неа ѓи пееше нејзините најпознати хитови: “Ај со среќа денот“, “Џингрлака“, “Здраво – живо домаќини“, “Личен Дејан“…

Од летната сцена на “Три круши“ прозвучеа и стари македонски народни песни, кои беа по желба на публиката. Посебен белег на синоќешниот концерт остави изведбата на најпознатата македонска народна песна “Земјо Македонска“, со чија изведба се затвори овогодинешното културно лето “Три круши 2017“.

Сузана Спасовска и групата “Академци“ со својот настап уште еднаш докажаа и покажаа зошто го носат приматот на најквалитетни македонски фолк ѕвезди во нашата земја.
Овој последен концерт со кој свечено се затвори оваа културна манифестација беше уште еден во низата незаборавни концерти кои се одржаа во рамки на Културното лето “Три круши 2017“, кое е во организација на Општина Кисела Вода.

За потсетување, посетителите на Културното лето “Три круши 2017“, од почетокот на месец јули па се до крајот на месецов имаа можност да уживаат во одличниот настап на македонските фолк ѕвезди Наум Петрески и Зуица Лазова со чиј концерт се отвори оваа манифестација. Културното лето со својот настап го збогатија членовите на етно составот “Чалгија Саунд Систем”, како и миленикот на публиката Миле Кузмановски.

Од летната сцена на верско – рекреативниот центар “Три круши“ прозвучеа и “Дипломатик бенд“ , тамбурашкиот оркестар “Ѓезме“, популарното македонско дуо “Силви Бенд“, како и најпопуларната македонска поп ѕвезда Сара Мејс. Посебен белег на оваа традиционална манифестација оставија и членовите на КУД “Китка“ од Драчево.

Локалната самоуправа исто како и досега така и во иднина ќе продолжи да работи во насока на презентирање и афирмирање на македонската песна и музика, се со цел за зачувување на културните и традиционални вредности на нашиот народ.