Скопје

Санирањето на дефектите привршува, Водовод најавува стабилизација на мрежата во Аеродром и Ново Лисиче

Сакаме искрено да се извиниме на сите граѓани, кои имаа непријатности поради прекините во водоснабдувањето, жалиме за проблемите со кои се соочија и сме благодарни за нивното трпение во минатиот период, се наведува во денешното соопштение на ЈП „Водовод и канализација“.

 

Од јавното претпријатие појаснуваат зошто се случуваат честите прекини на водоснабдувањето, посебно во високата зона на населбите Аеродром и Ново Лисиче и упатуваат извинување до граѓаните.

-Минатиот период, во последните 6 дена, ЈП Водовод и канализација – Скопје, работеше на реконструкција на мрежата на Бул. Србија, во насока на подобрување на водоснабдувањето за жителите на Општина Аеродром и дел од Општина Кисела Вода. На 12-ти септември се почна прво со реконструкција на најголемиот профил на цевка Ф700. Поради премногу вода на самото место реконструкцијата се пролонгираше и граѓаните останаа без вода многу повеќе од предвиденото, велат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека 17-ти септември се започна со вториот дел од реконструкцијата на цевка со профил Ф500, каде претпријатието одлучило работите да се изведуваат во текот на ноќта под рефлектори со почеток од 24:00, за да не трпат жителите од високата зона во Аеродром и Ново Лисиче.

-Реконструкцијата беше завршена во 13:30 часот и водоснабдувањето беше стабилизирано. Екипите работеа цела вечер во тешки услови за да се заврши што побрзо со реконструкцијата. За жал, рано денес, се случи и дефект на истиот потег на Бул. Србија, но на друга цевка, со профил Ф400. Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, веднаш излегоа на терен и се при крај со санирање на овој дефект, со што се надеваме дека веќе ќе се стабилизира целата мрежа, заедно со новите реконструкции, кои ги изведувавме минатиот период. Цистерни со питка вода кружат на потегот од Три Бисери до Капитол Мол и од поштата до последна 5ка и 15ка, стои во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.

За сите дополнителни информации граѓаните можат да се информираат на телефонскиот број 023073010.