Скопје

Реконструираното ЦОУ „Круме Кепески” ги чека новите ученици

80 нови првачиња оваа есен ќе започнат со настава во ЦОУ „Круме Кепески” во Кисела Вода. Објектот кој во текот на изминатата година беше темелно обновен од страна на Општина Кисела Вода, е подготвен да ги прими учениците.

Имено, најпрво, беше спроведена детална енергетска контрола. Беше утврдено дека објектот кој е изграден во 1962 година, е во навистина незавидна состојба. Кровот имаше поприлично оштетени азбестни плочи, па честопати се случуваше при поројни дождови да прокиснува, па внатре во самиот објект, посебно во зимските услови да се чувствува влага, информираат од општината.

Општина Кисела Вода инвестираше во изработка на проект за енергетска обнова, по што во ЦОУ „Круме Кепески” беше извршена замена на постојните со нови прозори, изведба на нова фасадна топлинска изолација, замена на постојниот кровен покрив и топлинска изолација на кровната плоча.

Инвестициите во подобрување на условите за учениците продолжија со реконструкција на санитарните јазли во училишниот објект. Беше поставена нова санитарија, плочки, врати, нова водоводна инсталација и одводни цевки, како и штедливи лед арматури за осветлување.
Во учебната 2016-2017 година, во ова училиште настава посетуваа 762 ученици.