Скопје

ФОТО: Почна „Вино скоп 2017“

Со настапите на Караванија, одлични џез изведувачи, Калевала- бенд кој изведува традиционални песни од целиот свет и Викторија Лоба, на плоштадот „Мајка Тереза“, пред МОБ, вчеравечер почна 11 по ред Фестивал на виното ВИНО СКОП  2017“.

 

Посетителите на годинешниов фестивал имаат можност да дегустираат повеќе видови квалитетни вина, кои се изложени на штандовите на 10-тина винарии, производители на македонско вино коишто им  нудат нови вкусови на љубителите на доброто вино, презентирани по промотивни цени.

Скопјани и гостите од  други градови, како и  изминатите години ќе дегустираат и  вкусни македонски деликатеси коишто одлично одат со добра чаша вино,  а се тоа ќе биде проследено со богата културно-уметничка прогама.

 На „ВИНО СКОП  2017“ ќе настапат и: групата Ај Кју, Нокаут со старо-новите хитови, Дј Александар Јорданов, Поп  Арт  Бенд со преработки на македонски песни, Нина Јанева со 2 Егзит, Фиц, фронтменот на Студени Нозе кој ќе ги исполни сите легендарни песни од бендот,  надежниот поп-рок бенд Чил Плеј, мајсторот за добра атмосфера Миле Кузмановски, дуото Куку Леле, етнобендот Баклава, чии песни звучат светски и српскиот бенд Министарке.

 За оние што сакаат да се напијат вино по работното време денеска /21.09.2-17 година /четврток/ и  утре /петок/, ќе има „ афтерворк“ забави со рок, блуз и џез бендови, а за  боемите и љубителите на доброто  македонско вино годинава е  предвидено  и викенд матине коешто ќе почнува на пладне во сабота и во недела, а ќе ги забавуваат познати тамбураши и чалгии.

Вечерните забави ќе започнуваат во 21 часот, додека пак дневните, односно денеска и утре(четврток и петок) од 17 часот, а во сабота и  во недела во 12 часот.

Град Скопје преку фестивалот на виното – Вино Скоп, ги поддржува  и промовира македонските производители на вина, го презентира долгогодишното производство на вино, нашето културно наследство и традиција и развој на квалитетниот вински туризам, преку дегустација на вино и храна од нашето поднебје.

Како и секоја година влезот е бесплатен, а во околината има три големи паркинзи каде што може да паркираат оние што ќе доаѓаат со возила, но секако препорачуваме сите што планираат да консумираат алкохол да не возат, туку да користат јавен превоз или такси.

Покровител на оваа традиционална Манифестација е Град Скопје, а организатор ТЕМОВ ФШТ ДОО-Скопје.