Скопје

ФОТО: Отворен 10-от јубилеен турнир во мал фудбал „8 септември“ во Триангла

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски денеска присуствуваа на отворањето на традиционалниот турнир во мал фудбал „8 Септември“, коишто се одржува по повод Денот на независноста на Република Македонија.

 

Ова е 10-то јубилејно издание на овој турнир, кои и оваа година ќе се одржи на спортското игралиште во населбата Триангла, а истото е финансиски поддржано од страна на Градот Скопје и Општина Гази Баба.

Градоначалникот Трајановски се обрати пред присутните, посакувајќи им добра забава, фер плеј игра, многу среќа и умешност.

– Градот Скопје и Општина Гази Баба како покровители на овој настан, Ве покануваат во наредните триесеттина дена на еден од најголемите турнири во мал фудбал во Македонија, низ фер плеј игра и фудбалски мајстории, заедно да се дружиме и да им дадеме поддршка на овие фудбалери. Радува податокот дека секоја година се пријавуваат се повеќе екипи од повеќе општини од Скопје и од Македонија, дека одгласот во публиката е се поголем, а дека за афирмацијата на турнирот, покрај организаторите и покровителите, секако се заслужни и бројните спонзори коишто обезбедија вредни награди – кажа градоначалникот Трајановски.

На турнирот „8 Септември“ оваа година учество ќе земат над 50 екипи, кои ќе се натпреваруваат во 8 групи, при што најдобрите 4 екипи од секоја група ќе поминат во елиминационата фаза.