Скопје

ФОТО ГАЛЕРИЈА: 4 викенди најголема забава во Скопје- бројни изведувачи и масовна посета

Со настапот на повеќе изведувачи на Боемската улица во Дебар Маало заврши четвртиот викенд, а со тоа и целосната програма од големата летна забава „Супер Скопје“.

 

Изминативе две вечери, голем број на лица се забавуваа со одлична музичка програма на Боемската улица во Дебар Маало, каде и овој викенд помина во знакот на домашните изведувачи.

Вчеравечер за одличната забава се погрижија Нино Величковски и Тамбураши, Љубојна и Џамбо Агушев Оркестар.

За потсетување, во петок на Боемската улица скопјани се забавуваа со настапите на Влатко Илиевски, како и етно составите Фолтин и Синтезис.

Со ова заврши големата летна забава „Супер Скопје“, која траеше изминативе 4 викенди на различни локации во Скопје. За потсетување, во рамките на „Супер Скопје“, жителите и посетителите на Скопје, имаа можност 4 викенди да се забавуваат со настапите на голем број на изведувачи, каде:

– На 18 и на 19 август забавата се одржа на Кејот 13 Ноември, каде настапија Сергеј Четковиќ, и Бајага и Инструктори.

– На 25 и на 26 август забавата се одржа во Старата Скопска Чаршија, каде на 25 август забавата беше на плоштадот Скендер Бег каде настапија Трикс (Trix), Гоца Тржан, Цена (Cena) и Гоце САФ, додека на 26 август забавата се одржа на плоштадот пред „Свети Спас“ каде настапија Офкестра (Offchestra), Фанки Гуру (Funky Guru), Енерџи бенд (Energi bend) и Фиц (Студени нозе).

– На 1 и на 2 септември забавата се одржа на улица Македонија, каде настапија Ди Џеј Дела (DJ Dela), Ај Кју (Eye Cue), Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Нокаут со специјални гости – Игор Џамбазов и Гуру Харе.

Иницијативата за „Супер Скопје“ произлезе како предлог од сопствениците и менаџерите на угостителските објекти, а истата беше во насока на подобрување на состојбата со забавниот живот и понуда во Скопје.

Главен организатори на „Супер Скопје“ беше ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, а за реализацијата беа задолжени „Горила Вајлд ентертејмент груп“ (Gorilla wild entertainment group).

Согласно одлука на Советот на Град Скопје, вечерите кога се одржуваше „Супер Скопје“, работното време на угостителските локали беше продолжен за еден час .