Скопје

ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ доби концертна сала и клавир

Учениците во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”-Скопје добија своја концертна сала, првпат по 40 години откако училиштето се наоѓа во зградата изградена во 1978 година.

Како што информира ДМБУЦ, салата има 90 места и има студиска опрема каде ќе може професионално да се снимаат студиски снимки. Учениците, исто така, добија и концертен клавир Петроф кој бил целосно реновиран во фабрика во Чешка.

-Нашите концерти во изминатиот период ги одржувавме најчесто во некоја од концертните сали на Факултетот за музичка уметност, Даут-пашин амам или во Културно-информативниот центар, Салон 19,19. Сега имаме преубава сала во која учениците ќе можат да го покажат наученото, а публиката да ужива во нивното музицирање. Многу сум радосен и што успеавме да го реновираме концертниот клавир кој беше во многу лоша состојба. Сега нашите ученици имаат можност да свират на клавир каков што нема ниту една институција во Македонија, изјави директорот Јован Бицевски.

Концертната сала ќе биде отворена утре, на патронатот на училиштето, а ќе настапат некогашни и сегашни ученици.