вторник, 17. јули 2018. Вести денес: 91
home Општини

Зголемен бројот на сообраќајки во декември во тетовско

Зголемен бројот на сообраќајки во декември во тетовско

Вкупно 93 сообраќајни несреќи се случиле во текот на декември на поширокото тетовско подрачје што е 31 несреќа повеќе во споредба со истиот период лани.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски информира дека една од декемвриските несреќи била со едно загинато лице за разлика од лани кога во сообраќајките во декември загинале две лица. Осум лица се здобиле со тешки и 74 со лесни телесни повреди, а во 54 сообраќајки била причинета материјална штета која се проценува на четири милиони и 350 илјади денари.

Најголемиот број од несреќите, односно 41, се случиле на тетовските улици, пред се на булеварите „Илинденска“, Видое Смилевски-Бато“ и „Маршал Тито“, како и на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и регионалните патишта кон Пирок и Волковија.

– Полициската статистика покажува дека најчеста причина за несреќите, особено за оние со најтешки последици, е неприлагодената брзина односно 27 случаи се со пребрзо возење, потоа непочитување првенство, неправилно вршење дејствие и.т.н. Во овој месец се случиле 18 излетувања од коловозот, во 10 случаи непосредни учесници биле пешаци, а 11 биле предизвикани од животни, главно кучиња-скитници, најчесто како последица на необезбеден коловоз и нивно неконтролирано движење по автопатот особено во доцните вечерни и раните утрински часови, изјави Јосифоски.

Во текот на декмври биле контролирани вкупно 4.135 возила од кои 1.505 биле неисправни. Од сообраќај биле исклучени 101 возило како и 124 возачи кои возеле без возачка, 105 возачи-почетници и девет возачи со важечка забрана за управување. За откриените сообраќајни прекршоци полицијата поднела 719 мандатни и 381 прекршочен платен налог, а поради непрописно паркирање подигнати се 197 возила.