Општини

Во Прилеп oдбележан Денот на независноста – „8-ми Септември“

Со положување на свежо цвеќе на спомениците на „Карпалак“, „Методија Андонов – Ченто“, „Ѓорче Петров“, „Кузман Јосифоски – Питу“, „Пере Тошев“, Алејата на Народните херои, споменикот Жена Борец и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп свечено беше одбележан големиот национален празник „8-ми Септември“. Свежо цвеќе положија делгации од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески, Здружението на борци од рилеп, претставници на политичките партии, гражански Здруженија, како и Извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп.

 

Од Здружението на борци истакнаа дека треба да ја чуваме Македонија како што нашите предци се бореле и дека Прилеп достојно ги одбележува сите празници и треба да е благодарен што многу предци од овој град се бореле за зачувување на нашата државност и за зачувување на нашите граници.

„На сите граѓани им го честитаме овој голем празник – Денот на независноста на Македонија. Во 1991 година граѓаните на референдум во огромен број се изјаснија за самостојна, демократска и независна Република Македонија. Тоа беше друг Илинден кога после АСНОМ практично и се оформи нашата држава во склопот на една федерација. Македонскиот народ после многувековни ропства никогаш не опстојувал како покорена нација, но имало многу востанија каде Македонците заедно со другите народи се бореле против ропствата. Тука се Разлошко востание, Кресненско, Мариовска буна, Карпошовото востание, потоа Илинден каде прославивме 10 дена Република. Но прво ослободително движење беше со НОБ и поклонувајќи се тука пред Могилата на Непобедените оддаваме почит на сите херои. Македонскиот народ, особено Прилеп, достојно ги одбележува сите празници и треба да е благодарен што многу предци од овој град се бореле за зачувување на нашата државност и за зачувување на нашите граници. Но на овој ден 8 Септември 1991 година со распадот на федерацијата Македонија стекна комплетна незавиност со своја армија, парламент и сите потребни други институции кои се потребни за да опстои една држава. Треба да ја чуваме Македонија како што нашите предци се бореле за неа со единство за просперитет и демократизација“, истакна Круме Соколоски, претсдател на Здружението на борци на Прилеп.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, рече дека овој ден е најсветлиот датум во македонската историја бидејќи се реализиралсонот на многу генерации Македонци.

„Самостојна Македонија била сон на нашите прадедовци, дедовци, татковци, денес тоа е реалност, а суверенитетот и интегритетот на нашата држава треба да бидат приоритет на сите денешни генерации и аманет за сите идни генерации. Треба да бидеме единствени, да го осудиме секој оној кој ќе посака да го наруши тој суверенитет и унитарноста на Македонијаи да го зачуваме она што е спечалено со крв векови наназад. Прилеп завзема особено место во нашата историја и во Илинденското востание и во Антифашистичката револуција и претходно низ вековите.Гордост е да се биде прилепчанец и Македонец денеска во слободна, независна и унитарна Македонија. И во оваа прилика на сите оние кои живеат во Македонија сакам да им го честитам овој голем празник. Нека е за многу години, да живее Република Македонија“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Свежо цвеќе на Могилата на Непобедените положија и од Извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп.

„На сите граѓани на Македонија им го честитам 8 септември Денот на Независноста, ова е денот кога вековниот стремеж на Македонецот, вековната борба за слобода и независност се оствари. Ова е денот кога македонскиот народ гласаше за самостојна, независна и суверена Македонија. Во изминативе години како држава имаме доста успеси и падови. Но за жал и денеска сме исправени пред големи предизвици. И денеска сме исправени пред предизвикот да ја браниме нашата татковина. На некого му пречи просперитетот на државата, но се надевам дека овој ден на сите ќе ни даде сила и сплотеност, сите единствени да продолжиме кон градење на државата и зачувување на темелите на македонската државност“, вели Филип Стојаноски, Извиднички одред „Фениикс“ од Прилеп.